Амбасада на Република Северна Македонија во Грција

Најнови вести

Средба Исаки- Филипиду

Заменик министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Фатмире Исаки, денес, оствари средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Грција во Република Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Софија Филипиду.

Заменик министерот Исаки изрази благодарност за цврстата поддршка на Грција за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, која оваа година ги започна преговорите за членство во Европската Унија, како и за подготвеноста на Грција да го сподели искуството со нашата земја на овој план.

На средбата беше изразено заемно задоволство од позитивниот развоен тренд во билатералните односи и конструктивниот политички дијалог меѓу двете земји по потпишувањето на Преспанскиот договор, кој отвори една нова страница во билатералните односи и создаде позитивна клима за плодна соработка во сите сфери од заемен интерес. Во таа насока, соговорниците разменија мислења околу можностите за натамошно унапредување и продлабочување на соработката меѓу двете земји на билатерален, регионален и мултилатерален план.

На амбасадорката Филипиду, заменик министерот Исаки ѝ посака успешно извршување на новата дипломатска мисија во Северна Македонија и ја нагласи подготвеноста и отвореноста на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија за соработката и заеднички ангажман со цел постигнување многу позитивни резултати на билатерален план.  

 

Средба Османи – Дендиас во Дубровник

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи, денес, на маргините на Дубровник форумот оствари средба со министерот за надворешни работи на Хеленската Република, Никос Дендиас. Двајцата хомолози изразија задоволство од интензивниот политички дијалог и позитивната динамика во билатералните односи, за што говорат големиот број официјални и работни посети. „Имаме Договор за стратешко партнерство кој треба да го имплементираме во позитивен дух и со добра волја со цел да обезбедиме чиста основа за непречена комуникација и на граѓаните и на бизнисот. Немаме дилема дека со продолжување на дијалогoт и заемната посветеност на исполнување на обврските преземени со договорот од Преспа, како и Акцискиот план за негова имплементација, се отвораат значајни дополнителни можности за унапредување на соработката која во континуитет ја надградува довербата меѓу двата соседи и претставува пример за добрососедски односи, пријателство и партнерство“ изјави министерот Османи на средбата. Соговорниците посебно го поздравија досегашниот развој и постигнат напредок во економската област, пред се имајќи ги предвид проектите за поврзување и гасификација на земјата. Во таа смисла го поздравија  потпишувањето на Договорот за заедничка изградба на Интерконекторот со Грција, кој ресорните министри го потпишаа на 9 јули во Атина, проект кој е значаен не само за двете држави, соседи, сојузници и партнери, туку и за целиот регион. Министерот Османи упати благодарност за досегашната континуирана грчка поддршка во процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, при што е добиено уверување од министерот Дендиас дека таквата нема да отсуствува и за време на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ. Двајцата соговорници разменија мислења и за најновите состојби со пандемијата, ангажманите за справување со последиците, како и можностите на планот на туризмот.

 

Дубровник, 10 јули 2021 година

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Туристички дестинации

Баба Планина, Битола

Охридско езеро, Охрид

Дојранско езеро, Дојран